Thursday, November 30, 2006

Што би било паметно во случајов?

Навистина е страшно тешко да се администрира блогов. Не можев да Ве настасам во Вашите изливи на емоции. Коментарите на некои од Вас се: ’да не ти се верува што се’ некој може да изнакаже’.

Не сакам блогов да згасне, не сакам да биде VIP зона, не сакам да оневозможам коментари. Сакам да можете сите да читате и сите да коментирате. Но има моменти кога се запрашувам самата себе ’Дали вреди?’.

Тоа што мене ме навредувате веќе не го ни перцепирам и можам да ви прогледам низ прсти, но Вие и меѓу себе се навредувате. И ќе го отворам блогот и ќе ги прочитам коментарите и веќе губам желба да напишам нешто.

Уште пострашно ми е што некои од Вас нагаѓаат која сум навистина. Со Вашето нагаѓање имплементирате девојки кои ќе бидат label-увани за нешто што не строиле. Мојата свест и совест, како човек, не ми дава да дозволам некого, поради мене, да биде погрешно осуден.


Еве Ве прашувам:

Дали ќе бидете пристојни во Вашите изјави?

Дали Вашите коментари ќе бидат на темата на одреден пост или повторно ќе морам да се борам со ветерници?


Оставам на Вас. Изјаснете се.


Анелиа

Saturday, November 11, 2006

Никогаш не вели никогаш

Често знаеше да ми дофрли како сум му интересна, дека сум симпатична, пријатна за разговор. Како за инает постојано ни се вкрстуваа патиштата и ќе се случеше да се сретнеме во град, кај другарка ми на гости. Со неа живеев прилично добро, а тој колку што се сеќавам и’ беше некаков тетин. Беше прилично згоден 42 годишен маж со малку проседа коса, која за инает, на него совршено изгледаше. Инаку чувствував аверзија кон мажи кои дома ги чека сопругата, а тие претпочитаат апетитот да го добијат некаде надвор од брачниот кревет. Изгледа дека се во право луѓето кои велат ’Никогаш не вели никогаш’.

И нормално, и јас го искусив тоа на своја кожа. Како е од нешто да бегаш, а тоа да те дофати.

И тој ден, како и многу пати пред тоа, се сретнавме во град.

Здраво Анелиа - подаде рака, а меѓу нас имаше уште, барем, три чекори пат

Здраво - возвратив љубезно

Во шопинг?

Ах не, морам да звршам некоја бирократска работа. Далеку од задоволство - се насмевнав

Брзаш?

Па и не баш, морам да чекам да помине паузата. Знаеш, кај нас повеќе се паузи отколку работа - повторно се насмевнав

Е па супер. Мислам, ако имаш време, можеме да седнеме на кафе некаде. И така и јас сум слободен наредниов саат време.

Нема проблем
- зошто не би одела на кафе со него, разговорите секогаш ни беа интересни

Се сместивме во едно од сепарињата во блиското кафуле и нарачавме по едно експресо. Не ми фалеше кофеин, но тоа е стандардна напивка што се конзумира во времето што ти е ’поклонето’.

Разговорот течеше убаво, впрочем, ништо поразлично од она што до тогаш сме разговарале. Вообичаени муабети без некоја посебна причина. И нормално, долета и неговата типична флертувачка страна, која автоматски му се уклучуваше кога беше блиску до мене. Морам да признаам дека секоја негова изјава ми ласкаше. Па кому не би му било задоволство да го фалат и да знае дека е привлечен, да му кажуваат дека е паметен? Ако не друго, одлична храна за егото.

Анелиа, јас пак сакам да се видиме.

Сигурно пак ќе се сретнеме во град или кај внука ти. Тоа барем добро ни оди - му одговорив

Ама не. Јас сакам да се видиме. Да се видиме јас и ти... Насамо...

Се замислив. Па тој мене ми предлага состанок? И што треба јас сега да кажам?

Да, сакам да се најдам со тебе. - ?

Не, не сакам, нема шанси. - ?

Ми прелетуваа мисли во главата. Што е правилно? Глупаво ми е да се гледам со женет, знам што ќе се очекува од мене. А покрај тоа тој и е тетин на другарка ми. Како ќе ја погледнам во очи нејзе? Како ќе биде него кога ќе го видам кај неа? Но тој е толку добар со мене. Секогаш ме насмева. И пријатен е. И не изгледа лошо. И внимателен е. Искрено, помислив неколку пати, во ова време што го познавам, како би било да го бакнам. Ама тоа не сум јас. Јас така не правам.

Кажи ми го твојот телефонски број, да те побарам. - ми рече

Here goes nothing! - си помислив и како од пушка му ги изрецитирав цифрите

Сега морам да одам. Паузата сигурно завршила. - одговорив додека избезумено си ги собирав работите од масата и со наведната глава истрчав надвор

Се слушаме - едвај го чув додека ја отварав вратата за да излезам