Tuesday, December 12, 2006

Другата страна на медаљата

Не го познавав баш најдобро. Ми беше повеќе познаник одколку пријател. Но сепак мислев дека знам доволно за да можам со него да разговарам нормално и да нема некои посебни изненадувања.

Ме викна на кафе. Не бев сигурна дали прифатив затоа што ми се допаѓаше или затоа што само сакав да се дружам со него тој ден. Беше прилично ок, седевме и разговаравме неврзано, чисто колку да ’пополниме’ слободно време. Отиде да го свари проклетото кафе, а кога се врати седна до мене на каучот. Во еден момент се навали накај мене и ме бакна. Бев малку зачудена, но му возвратив. Кога се повлече му кажав дека би сакала да си одам.

Зошто? - ме праша

Затоа што не сум сигурна дека би сакала вака да се одвиваат работите меѓу нас. - одговорив

Само уште малку - прошепоти и ме повлече накај него

Се тргнав и му реков дека не е паметно. По втор пат. Очигледно беше глув за она што го зборував и повторно го направи истото. Се обидов да го одтурнам со рацете. Не ми успеа. Помеѓу бакнежите кои ми ги даваше му повторував да се тргне. Моите зборови останаа да лебдат во празно, како да не сум ги ни изустила.

Неговата игра стана пожестока. Ме турна на креветот и легна врз мене. Веќе бев во паника кога ја почувствував целата негова тежина врз моето тело. Се борев, но што значеше мојата борба? Ништо. Движења на глушец под гладен мачор. Безполезно. Неверојатно е тоа што ги бев подценила мажите и нивната физичка сила. Неверојатно ми беше што со една рака успеа да ми ги прикова на креветот двете мои, а со другата да ми ги соблече фармерките и гаќите. Плачев. Веќе ми беше јасно дека залудно се обидувам да избегам од она кое и вака и така ќе се случеше. Тој веќе беше одлучил. Се плашев дека и покрај она што сака да го направи, ако продолжам да се спротивставувам, ќе добијам и ќотек.

Те молам барем користи кондом - го замолив низ солзи

Добро - беше само одговор, но не и дело

Се разбира го направи тоа без кондом. За да биде уште побизарно јас бев влажна. Душата ми беше помала од зрно грашок, солзите само онака ми се слеваа низ образите, мозокот ми беше numb, а проклетата таа беше влажна.

Се сеќавам многу добро на тоа како изгледаше неговото лице додека беше врз мене. Чудовиште. Глупаво, знам, но така изгледаше, полунасмевнат со ладна фаца, уживаше во она кое мене ми нанесуваше болка. Душевна. Но и таа знае да боли многу, некогаш повеќе и од онаа добиена од шамар.

Заврши. Стана да си ги дигне панталоните. Се облеков и јас. Сеуште ми течеа солзи. Ме испрати до вратата. Ѓубре, уште имаше лице да ме бакне на образ на заминување, ѓубре

Ќе се видиме - ми рече

како се’ да е нормално, како да сум му саканата девојка која ја испраќа дома после добро поминато време со неа. Каков ли е тоа човек?

Веднаш кога влегов дома отидов да се истуширам. Се триев со каменот што го користам за чистење на петите. Сакава да ја исчистам гнасотијата која ја остави на моето тело, сакав да се ослободам од неговата миризба. Ми се гадеше. Што и да Ви кажам дека плачев сеуште? Ништо не значи да Ви кажам, но плачев. Жал ми беше што нечистотијата која ја чувствував не беше по моето тело. Не можав ни со вода, ни со сапун, ни со каменот да ја истријам нечистотијата која ми беше ’залепена’ на душата.